Апсорбирај знаење, инспирирај генерации!

Средното општинско училиште „Наум Наумовски - Борче“ во Крушево се наоѓа во непосредна близина на месноста Гумење и Спомен куќата на Тоше Проески. Зградата се состои од 2 спрата и е опкружена со голема дворна површина уредена со зеленило. 

Во училиштето се застапени два вида на образование: гимназиско и стручно (утс). Во гимназиското образование застапени се општествено-хуманистичко и природно-математичко подрачје, додека во угостителско туристичката струка од тригодишното образование застапени се профилите готвач и келнер, а од четиригодишното хотелско-туристички техничар. Наставата во училиштето за струката e теоретска и практична. На самиот влез во училиштето е сместена рецепција, наменета за практичниот дел од наставата на струката хотелско-туристички техничар, додека дел од праксата се одвива во туристичкото биро, кујната и ресторанот во училиштето.

Наставата се изведува во една смена која започнува во 07:30 часот. Училиштето располага со простор и опрема кои ги задоволуваат стандардите за квалитетно изведување на наставата според наставните планови и програми кои се изведуваат во училиштето. Во училиштето има вкупно 15 училници опремени со компјутер за секое дете и Интернет. За потребите на предметот спорт и спортски активности, се користи спортската сала „Војвода Ѓорѓи Стојанов“, во надлежност на општина Крушево, а се наоѓа на 10 метри од училиштето. Училиштето има своја библиотека со фонд од над 10 000 книги: лектири, романи од секаков жанр, стручна литература. Секоја година овој фонд се збогатува со нови актуелни наслови. Трендот на доопремување на училиштето  со потребна опрема  за  изведување  на  теоретска  и  практична настава нема да застане, напротив, училиштето и понатаму ќе настојува преку сопствените и други средства да се доопремува и осовременува.

Согласно со измените на Законот за образование, учениците од околните места имаат бесплатна автобуска карта, како и бесплатно сместување. Секој ученик има своја училишна униформа и шкафче со сопствен клуч. 

Освен едукативниот дел, не изостанува и богатиот социјален и забавен дел од наставата. Учениците се вклучени во сите проекти, натпревари: државни, меѓународни; соработка со локална средина.

Активна е соработката со другите училишта од Република Македонија како што се: сите угостителски училишта од Македонија, „ Добри Даскалов“ Кавадарци, „Здравко Цветкоски“ Скопје, Гимназија „ Јане Сандански“ Република Бугарија, угостителски училишта од Банско, Корча- Република Албанија, Фоча - Босна и Херцеговина.

Од високо образовните установи, активна е соработката со Универзитетот за туризам и менаџмент- Скопје, БАС Академија, Економски факултет- Прилеп, Колеџ „Димитрис Перотис“ Солун, Бизнис конфедерација на РМ, Стопанска комора на РМ.

Училиштето со своите активности стана член на Светската организација УНЕСКО, како и Европската асоцијација на хотелско туристички училишта АЕХТ.

Не изостанува соработката со Општинската организација на Црвен крст Крушево, каде голем дел од нашите ученици волонтираат и спроведуваат хуманитарни акции. 

Линкови

BIGtheme.net Joomla 3.3 Templates