Апсорбирај знаење, инспирирај генерации!

Почетокот на месец Април 1920 година, го означил и почетокот на животот на еден човек, револуционер и борец чие име со гордост го носи нашето училиште.

Наум Наумовски - Борче е роден во скромно и сиромашно семејство во Крушево. Никој не можел да насети колкаво богатство претставувал тој во таа сиромашна, патријархална средина. Уште како дете имал нешто што го одвојувало од другите, а тоа е неговиот дух полн со љубопитство кон знаењето и книгата. Така тој носен од вителот на напредните идеи, по завршувањето на основното училиште во родниот крај, заминува по патот кој води кон посветло и посреќно утре.

Воден од полетот на младоста заминува да студира во Белград, но поради тешките животни услови е принуден да го прекине студирањето и да се вработи во фабриката „Рогожариш” во Белград. Набргу започнале воените превирања и окупацијата на татковината. Многумина се спротивставиле на фашизмот и неговата окупаторска идеологија, а меѓу нив бил и Наум Наумовски - Борче. Присуствувал на сите манифестации и демонстрации организирани од Комунистичката партија на Југославија и често доаѓал во конфликт со полицијата. Во потполност ја прифатил програмата и идеологијата на КПЈ и станал нејзин член во 1940 година. Во 1942 година бил политички комесар на Крушевскиот партизански одред, помошник на комесарот на Втората оперативна зона, а бил и комесар на еден батаљон од Втората македонска бригада. Неговата политичка активност продолжува и во 1944 година кога станал политички комесар на 41-та Македонска дивизија и се до ослободувањето не престанал да врши видни политички функции. Учествувал на Првото заседание на АСНОМ.

После ослободувањето Наум Наумовски - Борче целосно се посветил на изградбата на разурнатата земја, завземајќи високи политички и државни функции. Долги години непрекинато е избиран за пратеник на Сојузното народно собрание, а бил и член на Извршниот комитет на Народното собрание на Македонија. Активен и несебичен придонес дал и во двата мандати како градоначалник на градот Скопје во 1950 година и од 1956 до 1960 година.

Наум Наумовски - Борче е прогласен за народен херој на 29.11.1953 година.  Својот богат делотворен живот прерано го завршил на 28.09.1960 година.

Во чест на Наум Наумовски - Борче во Крушево е изградено училиште кое повеќе од 50 години со успех ги продолжува неговите дела во областа на образованието, воспитанието и оформувањето на новите генерации, кои успешно се интегрираат во сите текови на општествениот живот. Секој 28 септември со гордост се потсетуваме на животот и делото на овој голем револуционер и хуманист како наш патронат.

Линкови

BIGtheme.net Joomla 3.3 Templates