Апсорбирај знаење, инспирирај генерации!

Училишна секција „Да ја негуваме традицијата“ при СОУ „НАУМ НАУМОВСКИ – БОРЧЕ“ од Крушево го реализира проектот„Дева – во чест на новото раѓање“ од областа на одржливиот развој на туризмот. 

Крушево е единственото место во кое се одбележува Христијанскиот празник „Дева“ покрај Витлеем во Израел. Главната симболика на овој празник е Витлеемската ѕвезда, која била предвесник на раѓањето Христово. Дева, е славење на ѕвездата која ја следеле мудреците. Според адетот, малите деца кои ги симболизираат ангелите, со Витлеемската ѕвезда во рацете одат по домовите на крушевчани и пеејќи „Дева денес го раѓа превечниот Бог“, го предвестуваат раѓањето на Исус. 

Начинот на кој се одбележува овој празник претставува атракција за туристите во градот.

Координаторот на проектот професор Снежана Миленковска, вели основната идеја била зачувување на традицијата и збогатување на туристичката понуда во Крушево преку имплементирање конкретни проекти од областа на одржливиот туризам. „Сакаме да ја зачуваме традицијата, што е можно само преку директно вклучување на сите чинители на општествениот живот во градот и што во голема мера ни успеа. Се потрудивме нашата идеја да ја илустрираме со соодветна сценографија која ќе го долови амбиентот на овој библиски настан. За таа цел изградивме колиба како асоцијација на пештерата во која се родил Исус, јагне како симбол на новиот живот и сето го збогативме со хор од наши ученици кои пееја црковни песни. На плоштадот ги собравме и сите Витлеемски ѕвезди кои со благослов од свештените лица организирано тргнаа по крушевските домови да го најават раѓањето на Исус“, објаснува професорката.

Манифестацијата има и одредена социјална компонента. Имено, бидејќи адетот подразбира и собирање пари, учениците изработиле каса со катанец и со клуч на која се насликани библиски мотиви, а во која граѓаните на аберџиите ќе им донираат симболични средства. 

По завршувањето на манифестацијата, делегација составена од градоначалникот, директорката на училиштето и ученици, собраните средства ќе му ги подари на првороденото бебе во Крушево. 

„Аберџиите средношколци одлучија овој дар од народот да го подарат на првото новороденче во Крушево. Гест за пофалба, гест за аплауз. Не затоа што со тоа ќе ја подобриме финансиската состојба на некое од крушевските семејства, туку затоа што со тоа сакаме да ги потсетиме младите брачни парови на смислата на животот. Сѐ е минливо и релативно, но не и семејството. Токму затоа го славиме секое ново раѓање, секој нов живот“, рече во своето обраќање пред насобраните граѓани и туристи градоначалникот Ѓорги Дамчески.

 

Галерија - Дева 2015

ozio_gallery_nano
Ozio Gallery made with ❤ by joomla.it

Линкови

BIGtheme.net Joomla 3.3 Templates